Се викам Тања Брковска. А која сум, сега знам која сум. Јас сум мојот здив. Единственото нешто што го имам во текот на мојот живот и воедно единственото нешто без кое не можам да бидам жива. Се што во меѓувреме имам, тело кое постојно се менува, стан , автомобил, семејство, работа, заштеда…. сето тоа е менливо и минливо и е нешто што го имам, тоа не сум јас. Инаку, можам да ви раскажам каква бев пред да го започнам личниот процес на трансформација, впрочем затоа сме тука.
Ех, кога би знаело моето огледало да зборува. Пред овој лик што е сега во него и што патем кажано го обожувам, во него имаше повеќе различни ликови. Ехеее, имаше еден што не знаеше да каже не, еден што забораваше да се праша ШТО САКАШ ТИ, еден што своето време го минуваше оптоварен со минатото и грижите за иднината… Имаше еден, пак, што тагуваше за поминатиот биолошки часовник, па еден што се срамеше да каже дека ноќе си мечтае да започне сосема нов живот, леле, леле, страшна работа на 50 години да напушти сигурна работа и да почне да работи, оф, она бе, како се викаше, коуч, тоа да ти било тренер ама не каков било туку животен тренер. Имаше па еден, сè примаше при срце, што и да му кажеа — ауууу, па со него беше голем предизвик да се соочиш. Како поминува времето така бледеат, ги заборавам, остануваат како избледено руво заборавено на закачалка за да сведочи за некое време. На таа закачалка висат и стотици уверувања, некои отстранети за половина час а некои со години, и сè уште има траги, знаете како кога се обидувате да ја одлепите етикетата од теглата, ама на некои места каде што лепакот е најјак малку треба да се помачите. Но тогаш задоволството е уште поголемо, теглата свети, па ја подзавртувате од сите страни за да се уверите дека работата е добро завршена. За моја голема среќа ликот што е извесно време во огледалото има постојано искрена и длабока насмевка, емпатија, среќен е за сите мали нешта што му се случуваат во текот на еден ден, затоа што за него секој еден ден е еден нов живот со почеток и крај. Детето во него постојано ѓаволесто се насмевнува, смислувајќи нови итрини за да му биде што позабавно и повесело. Затоа и јас се вљубив во тој лик, знам дека и тој ќе расте со текот на годините, но, исто така, знам дека неговите плодови на љубов ќе нахранат многу тажни, несреќни, несигурни, непронајдени, исплашени, зависни ликови што одненадеж ќе се претворат од гасеници во пеперутки бидејќи ќе го поминат процесот на трансформација и ќе бидат сосема слободни и свои. Ти благодарам животе што ме водиш по вистинскиот пат, вистински за мене, се разбира, бидејќи сите ние имаме свои автентични патишта..
Ти благодарам животе што ме сакаш!